Basketball
Душан Булут, магионичарот кој го достигна врвот во баскет 3x3
Приказната за Душан Булут, најфуриозниот, несопирливиот и апсолутно доминантен светски баскет играч кој ја освои планетата со своите игри на турнирите во 3x3 баскет започнува во Нови Сад, Србија.
Душан Булут, или познат во баскет кулоарите под псевдонимот Mr. Bullutproof, највеќе поради неговиот претпознатлив дриблинг "Shammgod Nutmeg", e роден, израснат и кален во Нови Сад, местото каде се раѓа и неговата непресушна љубов кон баскетот.
Баскетот за Булут и неговите пријатели бил совршениот и единствениот начин за созревање во периодот на неизвесност и тешки времиња кои владееле во 90тите во Србија, периодот кога Душан растел и се градел како личност.
Но, моментот кога почнува 100% да се фокусира на тренирање 3x3 баскет, Душан Булут станува магионичар на баскетот и препознатлив по несопирливиот стил на играње.
Дел од своите вештини, знаења и неверојатни способности, со кои стана четири пати Светски првак, два пати Европски првак, освои четири титули со Нови Сад на Светските турнеи и два пати прогласен за МВП на Светско првенство и на Светските турнеи специјално за Red Bull ги демонстрираше преку амбасадорската улога која ја има во приказната на Red Bull Half Court.
А сега, да му дадеме збор на Душан Булут.
"Early hoops" мемории
Љубов на прв поглед. Страста и пасијата која ја има Душан кон оваа игра не може да се изброи, затоа што се работи за бесконечен број на часови поминати на баскет терените во Нови Сад.
"Моите најрани сеќавања поврзани со кошарката датираат уште од 1995 година, кога во мојот роден град се играше голем кошаркарски турнир, а јас две недели пред овој турнир почнав да тренирам кошарка. Цел град беше преокупиран со овој настан и сите кошаркарски фанатици имаа оформено тимови, именувани според името на еден клуб од НБА. Мојот омилен тим беше Лејкерс, па татко ми ми ја исполни желбата и го стави логото на Лејкерс на мојот дрес. Од возбуда и среќа спиев со дресот ноќта пред натпреварот."
Ефектот на Џордан
Мајкл Џордан беше и сè уште е идол на секој спортист, а не па на мали деца, љубители на кошарката. Епа и Душан Булут не бил ништо поразличен од децата низ светот, но сепак не се огледувал и не "крадел" само од играта и стилот на Џордан, туку гледал што е можно повеќе да земе знаење и вештини од различни типови на кошаркарски идоли.
"Кога почнав посериозно да играм кошарка, имав многу идоли, но без дилеми, најголема инспирација ми беше Мајкл Џордан. Највеќе поради неговиот победнички менталитет и неверојатните успеси на кошаркарските терени. Но, неговите атлетски способности се дијаметрално спротивни од моите, а со тоа и стилот на игра ни е доста различен. Па затоа, си пронајдов други идоли како Ален Ајверсон, Стефон Марбери и Џејсон Вилијамс, играчи со "flashy" и убав за око стил на игра. Токму овие момци се можеби најголемата причина зошто играм кошарка и ден денес. Терените, зградите, маалото, типичното баскет опкружување беа само причина плус да играме атрактивен, експлозивен и забавен баскет кој ќе те извади од патики и ќе те остави без зборови."
Клучот е уличната култура
Булут не го одбра патот на универзитетска кошаркарска едукација или славата и успехот преку НБА форматот, туку се реши својот животен пат да го трасира и насочи кон динамичната 3x3 баскет култура и сцена. Сега за сега бележи неповторлив успех преку презентација на своите енергични плејмеркески способности, со кои на својот тим и држава им донесе многу ФИБА титули.
"Уличниот баскет не е само обична кошарка, тоа е субкултура која во себе обединува многу култури. Баскетот е начин на живот како што е музиката, уметноста, другарството, модата...Сè е тоа инспирација и мој стил на живот. Секое мое ново будење, стилот на облекување, ставот и пристапот кон животот се дел од таа улична баскет култура."
Red Bull Half Court
Red Bull Half Court, турнирот наследник на Red Bull Reign, има за цел да промовира офанзивна кошарка со што е можно поголем број на поени. Тимовите учесници во турнирот освен што треба да се изборат за победа, исто така една од екипите-учеснички (таа со најголем број на постигнати поени, вкупно во сите мечеви) добива бонус. Тоа е единствениот бонус на Red Bull Half Court турнирот.
"Ако сте почетници во оваа игра, млади и желни за успех и надигрување, тогаш дефинитивно Red Bull Half Court е одлична подлога за покажување и докажување на талентот, вештините и напорната работа, во придружба на реална улична атмосфера."
Оставање наследство
Магионичарот на теренот, Душан Домивиќ Булут, оддамна ги има освоено симпатиите и срцата на навивачите и љубителите на баскетот, па на свои 30+ години многу добро знае што е важно и битно за успех во овој спорт и како да се води кошаркарски начин на живот.
"Парите и славата како доаѓаат, така и си одат. Но, она што останува е наследството. Организирање турнири, кампови за деца, градење на кошаркарски терени и нивно оддржување во локалната заедница/маало е јадрото на наследството и нешто што ќе остане и после завршување на мојата кариера. Тоа е тоа што ме прави среќен, горд и ми дава огромна сатисфакција и мотив да продолжам да го работам тоа што го сакам." изјавува Булут.
Магијата и неповторливиот стил на игра на Булут дефинитивно ќе продолжи да влијае на сегашните и идните генерации на играчи на баскет 3x3. Шоуто мора да продолжи, се гледаме на терен!