Дарио Ивановски - финиш на Скопски Маратон 2020
Athletics

Дарио Ивановски - А норма и златен медал - најава за моќен настап во Полска

© Петар Стојановски / Скопски Маратон
Дарио Ивановски овој викенд го освои златниот медал на трката од 3000 метри во сала во Истанбул и потврди дека се наоѓа во феноменална форма пред ЕП во Полска.
Напишано од Игор ЈовановскиОбјавено на
Накратко зборувавме со “златното момче” од Илинден за неговата историја и планови во иднината!
Оваа зима атлетичарите имаа повеќе натпреварувања во сала како можност за проверка на својата форма пред некои од поголемите настани што нѝ следат. Дарио Ивановски овој викенд ги претстави боите на Македонија на Балканскиот атлетски шампионат во сала кој се одржа во Истанбул и со неговиот златен медал само нѝ потврди дека се наоѓа пред историски успеси во следниот период.
Тој на трката од 3000 метри истрча одлично време од 8:03.95 што е за дел од секудната послаб резултат од неговиот национален рекорд на овие патеки, но доволен за да докаже дека се наоѓа во феноменална форма. Воедно, тој го освои ова прво место со некои 7 секунди пред второпласираниот Улуш Чихат од Турција.
Инаку, во Балканскиот Атлетски Шампионат членови не се единствено државите од Балканот туку и пошироко, вклучувајќи ги Турција, Украина, Молдавија, Ерменија, Австрија, Азербејџан, Кипар, Грузија, Израел така што овој настап и резултат добива на уште поголема тежина.
Дарио Ивановски - негов прв настап на дистанца маратон - Скопје 2020
Дарио Ивановски - негов прв настап на дистанца маратон - Скопје 2020

А норма за ЕП во Торун

Како најава за одличните настапи на Дарио оваа година беа и моќните резултати на атлетските митинизи во Белград каде успеа да постигне А норма за европското првенство во Торун и со тоа стана втор наш репрезентативец што ќе оди на овој настан.
Неговиот нов најдобар резултат (PB), а воедно и национален рекорд на 1500 метри во сала беше остварен со време од 3:44,98 минути и тој му донесе 1088 ИААФ бодови - највисока квота досега во нашата држава и засега во неговата кариера.
Дарио е роден 1997, со атлетика се бави веќе седум сезони, најпрво како дел од АК Работнички (2015-2018), а потоа како дел од АК Делта. Негов тренер е атлтичарот Игор МЦ Јакимовски. Во изминатите години тој имаше одличен напредок на атлетските патеки, во 2019та го постави рекордот на 3000 метри во сала 8:03.65 како дел од Балканското првенство и освои норма за учество на Европското во Глазгов каде поради повреда не успеа да настапи во финалната трка.
Во сала тој исто така доминира на национално ниво во 1500 метри со неговиот најнов резултат во Белград, а на отворено е рекордер на 1000, 3000 и 10000 метри. Покрај ова тој брои и важни и силни настапи на полумаратон и еден настап на Скопски маратон 2020 каде заврши за 2:31.16 што е одличен резултат за прва трка на оваа дистанца, а воедно и второ најдобро маратонско време во Македонија.
Во разговор со тимот на redbull.mk тој нѝ откри дека генерално трча на сите трки од средните и долги патеки, но онаму каде што тој најмногу се гледа, сепак, тоа се трките на 3000 метри во сала и 5000 на отворено. Оваа година тој планира да собори многу национални сениорски рекорди на отворено, а дефинитивно негов фокус ќе биде пласман на ЛОИ Токио 2021.
На ЕП во сала кое ќе се одржи во Торун, Полска тој ќе настапи токму во дисциплината 1500м во која ја оствари неговата втора норма во кариерата за настап на континенталниот собир на најдобрите атлетичари. Тој ќе настапи во полуфиналните трки од кои најдобрите атлетичари ќе се пласираат во главната финална трка.
Конкуренцијата секако дека е врвна и на ова првенство ќе настапат едни од најдобрите светски атлетичари кои често ги гледаме на финалните трки на олимпијадите и светските првенства. Во мојата кариера сум настапил на неколку вакви мега настани заедно со најдобрите во Европа така што можам да констатирам дека веќе имам доволно искуство за да ја одредам тактиката и борбата за влез во главното финале.
Дарио Ивановски
Дарио Ивановски - АК Делта
Дарио Ивановски - АК Делта

Планови за ЛОИ Токио 2020

Во однос на ЛОИ Токио, Дарио и неговиот тренер Игор велат дека главната цел е да се пласираат со норма до која го делат 5-6 секунди во дисциплината 1500 метри. Моментално тој е прворангиран на национално ниво според вредностите на неговите резултати, но со стартувањето на сезоната на отворено тој планира да настапи на неколку моќни интернационални митинзи каде ќе се обиде да го прикаже најдоброто.
Следете го Дарио како дел од црвено-жолтиот дрес во неговите блескави атлетски изданија оваа година и навивајте!! Следниот настап е ЕП во Торун од 5-7 март.
ДОЗНАЈ НЕШТО ПОВЕЌЕ ОД СВЕТОТ НА RED BULL: