Пред да почнеме со прераскажување на оваа невообичаена скопска приказна, ќе дадеме кратко интро за ликот и делото на Jorge “Viki” Gomez или трикратниот светски BMX Flatland шампион од Шпанија кој е легенда на овој спорт и еден од најдобрите во светот уште од далечната 2000та година. Освен што е трикратен светски шампион, Jorge три пати го има освоено и NORA Купот, а последно во 2016 година.
Jorge "Viki" Gomez изведува Flatland трикови пред Камени мост во Скопје
А, сега да се вратиме на главното прашање - Зошто Jorge “Viki” Gomez беше во Скопје? Овој легендарен BMX Flatland возач минатата недела продефилира (читај: правеше трикови со неговиот велосипед) низ неколку култни локации и маала во Скопје, а својата прошетка ја финишираше со настап пред пред публика од 6.000 луѓе, гости на овогодинешното издание на “Златна бубамара на популарноста”. Облечен цел во бело и со куфер во раката, шпанскиот возач со својот BMX се качи на главната бина во арената “Борис Трајковски” и изведе неколку драма трикови.
Покрај “тајната” мисија поради која беше дојден во Скопје, Jorge “Viki” Gomez направи BMX прошетка од Центар, преку Старата скопска чаршија и Дебар маало, па сѐ до Карпош и арената “Борис Трајковски”, во потрага по најдобрите локации за изведба на екстремно кул трикови.
Jorge "Viki" Gomez не оддолеа на скопскиот шарм
Jorge “Viki” Gomez не одолеа на локалната храна, архитектура, улична уметност и целокупниот пулс на главниот град.
Па затоа и ние не одолеавме, а да не му поставиме неколку прашања за неговата премиерна посета на Скопје и улогата која ја имаше на овогодинешното издание на “Златна Бубамара на популарноста”.
Го доживеа Скопје од една уникатна перспектива, тотално различна од онаа на локалците, најмногу поради потрагата по локации и маала соодветни за изведба на твоите трикови. Ако твој колега реши да дојде во Скопје, кои би биле ТОП 3 локации што мора да ги посети?
Viki Gomez:Скопје нуди супер локации за изведба на BMX Flatland трикови, но ако морам да издвојам тоа би биле: Red Bull Half Court теренот во Влае, околината на двете страни од Камениот мост и Националната арена “Тоше Проески”. Додатно, Старата скопска чаршија е место кое вреди да се посети, иако не е баш најпогодна локација за BMX :)
Jorge "Viki" Gomez доминира на Red Bull Half Court теренот во Влае
Дознавме дека пријатно си изненаден од локалната гастрономска сцена, архитектура, улична уметност, вајбот и духот на градот. Какви беа очекувањата пред да дојдеш? Дали направи некое истражување за Скопје?
Viki Gomez:Направив мало кратко истражување, но реалноста беше многу подобра него онлајн фотографиите и видеата од Скопје. Морам да признаам, навистина ми се допадна храната, која беше превкусна, што позитивно ме изненади затоа што никогаш претходно немав пробано и не сум бил во Македонски ресторан.
Раскажи ни нешто повеќе за искуството наречено “Златна бубамара на популарноста” или најпознатата церемонија за доделување награди во Македонија. Дали беше нервозен и анксиозен пред настапот? Првпат учествуваш на настан од овој тип?
Viki Gomez:Моето правило е: без разлика на тоа колку мал или голем е настанот, секогаш оди со насмевка и уживај во искуството, затоа што само на овој начин и публиката ќе ужива во истиот. Така што сета трема и анскиозност ја претопив во прекрасно и супер забавно искуство. Инаку, во минатото имам настапувано на големи церемонии и настани каде се доделуваат значајни и престижни награди, како на пр. Laureus Awards. Како за крај сакам да напоменам дека секогаш добро е да се презентира сржта на BMX Flatland пред нова публика која најверојатно никогаш претходно го нема гледано мојот спорт. Искрено се надевам дека публиката уживаше во мојот краток, но ефективен перформанс, затоа што јас си поминав фантастично. Голем поздрав до Скопје!
Која е тајната на твојот долгогодишен успех и релевантност?
Viki Gomez:Тоа што никогаш во животот не брзам во совладување на техниката на возење и изведување трикови, туку секогаш сум фокусиран да уживам во процесот на учење нови трикови. Според мене, со овој пристап секогаш ќе има отворена врата за учење нови работи и еволуција во секој поглед од животот. Природата константно се менува, но со многу поспоро темпо од нашите мозоци, така што секогаш се трудам да го следам природниот тек на животот и животните случувања.
И така стигнавме до крајот на оваа прекрасна дружба и искуство со шпанската BMX Flatland легнда, а искрено се надеваме дека успеавме преку зборови, слики и видеа да доловиме дел од авантурата наречена - Jorge “Viki” Gomez со неговиот BMX премиерно во Скопје!
П.С. Златна бубамара на популарноста 2025 ќе се емитува на Канал 5 на 2 март во 19.30 часот, а во првите 10 минути од манифестацијата е настапот на господинот Jorge “Viki” Gomez. Дефинитивно нешто што не треба така лесно да се пропушти!