Македонија е светски шампион во CS:GO
© Македонска е-спорт Федерација
Gaming

Македонија е светски шампион во CS:GO

Да, да, добро слушна, Македонската CS:GO репрезентација е новиот светски шампион. Чиста вистина!
Напишано од Бранислав Спировски
се чита за 4 минОбјавено на
Искрено никој во Македонија, освен самите играчи, не веруваше дека ќе бидеме сведоци на ваков неверојатен и се надеваме повторлив успех за македонската е-спорт заедница.
Уште еднаш, браво и аплауз на отворена сцена за македонската CS:GO репрезентација составена од играчите Александар Ќулукоски „CacaNito“, Јане Апостолоски „aidKiT“, Дамјан Стоилковски „kyxsan“, Павле Стојановски „stYleEeZ“ и Кристијан Поповски „FODOR“. Екипа, чесно и тактички прецизно "изгазивте" на турниров!
Инаку на Светското првенство кое се одржа во Еилат, Израел учествуваа 11 тима, а Македонија успеа да стане светски првак после финалната победа од 2:0 против репрезентацијата на Романија и со тоа ја освои паричната награда од 10.000 долари.
Тоа би било тоа од наша страна, а сега им даваме збор на македонските репрезентативци :)

Екипа, прво огромни честитки за постигнатиот успех - светски шампиони во CS:GO! Кажете ни, какво е чувството да се разбудите како најдобрата CS:GO репрезентација во светот? Со кого прво ја споделивте радоста и веста дека сте светски шампиони?

Македонска CS:GO репрезентација: Неверојатно чувство! Веднаш после победата почнавме да размислуваме и да креираме стратегии за тоа како овој историски успех за нас и нашата држава да го повториме пак и со тоа да ја направиме Македонија горда држава, полна со успеси и победи во светот на е-спортот. Инаку, оваа радосна вест прво ја споделивме со нашите најблиски, па потоа со нашиот соиграч dan1, кој за жал не беше во можност да биде дел од ова првенство. Голем поздрав до него!

Раскажете ни нешто повеќе за патот до финалето и освојувањето на светската титула? Која држава Ви беше најтежок противник? Дали верувавте во себе дека постои шанса да станете светски прваци во CS:GO?

Македонска CS:GO репрезентација: Патот до финалето се одеше чекор по чекор. Фокусот ни беше на следниот натпревар, без размислување за крајната цел и евентуалната победа во финалето. Секој меч го игравме како да ни е последен! Кога сме кај делот за тоа кој ни беше најтежок противник, дефинитивно би кажале репрезентацијата на Украина. Екстремно тежок противник со многу сериозна и доминантна тактика. А во однос на тоа дали верувавме дека ќе стигнеме до финалето и ќе излеземе како победници, искрено на почетокот не верувавме, но како течеше турнирот и како почнавме да редиме победа за победа, некаде таму при крајот веќе почнавме сериозно да веруваме во тоа дека првото место е чиста реалност.

Што се случи во финалето? Како така навидум лесно стигнавте до победа од 2:0 против Романија? Дали сменивте нешто во тактиката од претходниот пат кога се сретнавте и загубивте од репрезентацијата на Романија?

Македонска CS:GO репрезентација: Од тимски аспект, направивме сериозни тактички промени и воведовме некои новитети, но сепак огромен и пресуден фактор за победата во финалето беше тоа дека овојпат немавме изиграно исцрпувачки 3 меча пред натпреварот со Романија. Во ова финале влеговме одморени, со бистра глава и јасна визија за тоа што треба да направиме за да дојдеме до посакуваната победа.

Што значи оваа победа за CS:GO заедницата во Македонија и општо за Република Македонија?

Македонска CS:GO репрезентација: Се надеваме дека овој резултат ќе донесе дополнителна мотивација кај сегашните и идните генерации на е-спортисти кои сега имаат сериозна основа и причина да работат и тренираат напорно и паметно. После овој наш успех, македонските е-спортисти се сигурни во тоа дека никогаш, ама баш никогаш, не треба да се откажат од своите соништа и желби. Република Македонија е на добар пат да стане значаен фактор во светот на е-спортовите.

Идни планови?

Македонска CS:GO репрезентација: Идејата е да продолжиме напорно да работиме и да учествуваме на што е можно поголем број на интернационални турнири, со желба и мисија за уште пограндиозни резултати на светско ниво. Исто така, гледаме репрезентацијата константно да се подобрува на секое поле. Тоа и го докажавме на овој турнир со настапот на fodor, кој првично беше пријавен како замена, но на крај доби шанса и повеќе-од-одлично се вклопи во тимот и допринесе за историски успех.

Wow! Сè уште сме во позитивен шок од овој историски успех за нас и нашата држава. Повеќе од заслужено и нестрпливо го чекаме следниот успех. Само напред момци!