Проследете ја нашата мала селекција на планински врвови од Македонија кои се нешто поретко искачувани и посетувани во споредба со највисоките и познати врвови на планинските масиви, но се сепак исклучително вредни за посета, уживање и авантура.
Нашата држава според општите географски и релјефни карактеристики претставува планинско-котлинска земја, а дури 80% од целокупната територија на државата се планини. Само на Шар Планина која е еден од најраспространетите планински масиви во Македонија, географите издвојуваат над 150 врвови (одвоени највисоки и доминантни точки, со т.н. индекс на доминантност) повисоки од 2000 метри, а низ целата територија имаме над 45 врвови повисоки од 2500 метри.
Иако во современиот живот доминантно сме сместени и функционираме во котлините, нашиот народ во минатото (голем дел и денес) функционира во склад и со ритамот на планината. Затоа врската со овие возвишенија секогаш постои некаде во нас, а планинарењето е еден од најраспространетите рекреативни активности во нашата популација.
Врв Плат, Шар Планина - 2398 м.н.в
Плат е релативно најлесен врв за искачување од оваа петорка со оглед на должината и техничките карактеристики на теренот кој треба да се помине. Меѓутоа, наспроти тоа, од врвот имате можност да се насладите на еден од најдобрите погледи на нашите планини. Фантастичната Лешница се отвора целосно пред вашите очи, врвот Среден Камен со неговите стрмни падини и карпести формации ги мами погледите, на другата страна можете да го погледнете целиот шарски гребен од неговиот сам почеток, а на југ се отвора скриената Горна Лешница со највисоките шарпланински врвови Титов врв и Бакрдан надвиснати над неа.
До врвот Плат најлесно се стигнува од Попова Шапка, а горе-долу патеката е во должина од 17 километри со 900 метри висинска разлика. Оптимално време за искачување и спуштање во летни услови би било некои 6-7 часа.
Втора и многу поретко избрана, а сепак одлична опција за искачување е преку долините Долна и Горна Лешница.
Потребно е соодветна опрема и облека за условите кои ги наложува денот, и секако, не заборавајте ладна лименка Red Bull, фотоапарат или добра смартфон камера.
Вртешка - Пелистер 2010 м.н.в
Во најстариот национален парк на ниво на Македонија може да се пронајдат, посетат и пешачат безброј скриени патеки и врвови, но ретко која локација може да се спротистави на уникатниот панорамски поглед на врвот Вртешка.
Врвот може да се искачи од повеќе локации и преку неколку патеки, но сепак, според нас најисполнета би била кружна тура со почеток и финиш во селото Маловишта. Попатно се посетуваат манастирот Света Ана кој е скриен во густата букова шума, потоа црквата Свети Спас која се наоѓа веднаш под врвот кој се издига нешто над 2000 метри над морето. Веднаш до црквата Св. Спас се наоѓа и мал планинарски дом кој може да послужи како засолниште и место за одмор.
А од горе можете да уживате во уникатната панорама на највисокиот гребен на Пелистер - каменестиот сегмент на врвовите Стив, Илинден и Пелистер, целата долина на реката Шемница и Маловишка Река, потоа врвот Голема Чука а веднаш до Пелистер се отвора Преспанското Езеро и видик се до островот Голем Град. Понатаму следат погледи кон цела Галичица, прекрасните планински масиви на Илинска и Плаќенска планина и Стрежевското езеро.
Истотака важно е да се напомене дека на дел од оваа рута минувала познатата римска делница Вија Игнација (и некои нејзини краци) која во овој дел ги конектирала Охрид (Лихнид) и Битола (Хераклеја).
Техничките карактеристики за овој круг се околу 12 километри должински за искачување и спуштање со околу 950 метри висинска разлика.
Црн Камен - Јабланица 2258 м.н.в
Ако има една планина која би требало да ја издвоиме дека е екстремно живописна и разиграна во било кој дел од годината, тоа е Јабланица. Ем највисок врв на оваа планина, ем со фантастичен поглед и добра планинарска врска кон Вевчани и Горна Белица, Црн Камен според нас претставува врв што не смее да се пропушти.
Без разлика дали пристапувате од Вевчани или Горна Белица (или можеби од некое трето место), Јабланица во секое нејзино ќоше изобилува со природни убавини, биодиверзитет, богати шуми и бујни водотеци, бескрајни пасишта и кристално чисти локви.
Кружната тура од Горна Белица до Црн Камен, Вевчанска локва и финиш повторно во Горна Белица е малку полесна варијанта во должина од околу 12 километри со искачување и слегување на околу 900 висински метри. Патеката е релативно добро маркирана во двата правци и изобилува со прекрасни шуми и голини. Релативното време на минување на патеката е околу 5-6 часа.
Потешката варијанта е со старт од Вевчани каде може (но и не мора) да се посетат Вевчанските Извори кои се заштитено подрачје во овој предел. Истата е во должина од 15 километри, но се совладува 1300 метри висинска разлика за што ќе ви се потребни околу 7-8 часа.
Во двете патеки ќе имате можност да уживате во густите и недопрени шуми на Јабланица, скриените потоци и реки погледите кон Охридското езеро и секако во Вевчанската локва која е една од маркантните точки на оваа патека.
Остри Врв - Караџица 2263 м.н.в
Уште додека сте на пат кон селото Патишка Река кое најчесто претставува стартна точка за овој врв можете да се восхитувате на долината со сите нејзини драматични ѕидови од кои најмаркантен секако е Остри Врв.
Остри се качува по релативно добро воспоставена планинарска патека која во првиот дел близу селото е всушност широк шумски пат. Откако се минува локалитетот каде зимно време се формираат мразови кои се качуваат од алпинистичката заедница, патеката стрмно се издвојува во правец - точно погодивте - само нагоре.
Веќе кога се искачувате над долината, се отвораат сѐ повеќе и поубави видици над околината и далечината. Откако се минува локалното бачило каде може да се наполни вода, патеката движи во правец на главното било на планината, а од североисточната страна започнуваат да се отвораат стрмните падини кои завршуваат во дното на долината. Вертикалниот ѕид на Остри Врв воедно е една од карактеристиките и најмаркантни погледи на овој врв.
Од врвот, турата може да продолжи до околните Салакови Езера за да се комплетира уживањето, а враќањето може да се направи преку ридот Пепељак за да се направи кружна посета.
Оваа кружна тура некаде би била со должина од околу 20-22 км со искачување и спуштање на 1500 висински метри - во превод 8-9 часа. Доколку пак одите единствено до Остри Врв и назад истата би била во должина од 16 км со 1300 висински метри - нешто полесна варијанта.
Шуплив Камен (Шупља Стена) - Кораб
Ако сте во потрага по ретко искачувани врвови и тешко пристапни локации длабоко во дивината, тогаш не барајте подалеку од Кораб. Скриените долини на овој планински масив заедно со целокупната стрмнина на релјефот и недопрената природа го прават овој дел од националниот парк Маврово навистина вреден за истражување и посета.
Шуплив Камен е врв на главното било на Кораб кој се наоѓа на границата со Република Албанија. Неговото име потекнува од кружниот процеп кој се наоѓа на главниот гребен во непосредна близина на врвот. Пристапот до овој врв може да се направи од повеќе локации, но најчесто се оди од селото Жировница.
Должината на патеката е околу 25 километри со некои 1600 метри висинско искачување што ја става оваа тура во потешките категории. За пристојно пешачење на целата рута во два правци просечно се потребни околу 9-10 часа.
Патеката во првиот дел минува низ густа букова шума се додека не се искачи месноста Мала Планина каде високо над 1800-1900 м.н.в се фаќа граничарската патека под корабското било. Од тука се стигнува до превојот Шкртец каде почнува последниот и најтежок дел од искачувањето. Непосредно под врвот се наоѓа и прочуениот процеп каде буквално преку планината можете да ѕирнете на албанската страна.
Неопходно за планинарење: соодветна опрема во зависност од условите, ладна лименка Red Bull, добри метео услови и пожелно е да се направи во подолгите денови од годината.