Во продолжение имате можност да го погледнете изборот за кампување на дечките од Camping Macedonia.
И додека кампувањето во веќе дефинирани објекти за кампинг и автокампови (што е исто така супер) со себе носи извесна доза на комфор и работи кои не мораме да ги мислиме, кај дивото кампување сѐ е оставено на вас. А знаете, кога нема кој друг да ви се меша во штипки, сѐ си е чисто како солза - ти се организираш по твоја мерка и душа, ама и ти си крив за сите заборавени работи кои, на крајот, и не ти се потребни!
Дивото кампување често пати претставува пропратен елемент на сите авантуристички аутдор спортови, рекреативни активности, истражувања (во научни и едукативни цели) итн. па затоа истото е практикувано од ваков тип на ентузијасти и љубители на природата. Овој тип на сместување може да биде планирано или непланирано (ако уплескаш работа), но без разлика на сѐ, скоро секогаш излегува интересна и забавна опција.
Македонија е една од земјите на Балканот каде дивото кампување генерално не е забрането, а изобилуваме со локации на сите страни. Планини, реки, долини, плажи се само дел од опциите, па си рековме, дај да прашаме некои искусни кампери - Кои се 5те најдобри места за див кампинг во Македонија.
Camping Macedonia активно си поставува шатор од 2008 година, има одлична присутност на социјалните мрежи и сака да промовира добри локации за кампинг, па затоа поразговаравме со Бојан Трајкоски - посветен кампер од тимот на Camping Macedonia.
"Без разлика дали кампуваме во шатор, прилолка или комби, на планина, покрај река или езеро, секогаш преферираме да имаме добра сенка, добар поглед на изгрејсонце а се разбира и зајдисонце. Одбираме места што не се многу комерцијални затоа што сме авантуристи и сакаме да истражуваме, а на тој начин ние самите ги промовираме." - вели Бојан.
Во продолжение ги имаме нивните предлози:
Пешти - Бабуна
Пешти не е во целост достапна со кола, има 20тина минути пешачење до локацијата. Покрај стандардната опрема за кампинг, задолжително носете:
- Вода
- Водоотпорна опрема за заштита на кампот
- Топла облека(без разлика сезона)
- Повеќе пара чорапи
- Повеќе подлоги за спиење поради влажната земја
- Добро друштво
- Вреќи за ѓубре
Прилепско Езеро
Од сите страни на езерото е пристапно со кола, во зависност од која страна планирате да одите мапата треба добро да се прочита. Чешма со пивка вода има, но во зависност од сезоната притисокот е различен. Капењето не е забрането, но бидете внимателни поради различната длабочина на секој дел од езерото. Покрај стандардната опрема за кампинг, задолжително носете:
- Вода
- Сенка(тенда/церада)
- Топла облека(без разлика сезона)
- Добро друштво
- Вреќи за ѓубре
Стење - Преспанско Езеро
Локацијата е достапна со секаков вид на превозно средство (кола, комби, велосипед, пеш, чамец). Патот е песок и камен, а на локацијата има доста сенки. Пивка вода за пиење има во селото Стење (30мин пеш од локацијата), а таму можете да најдете и маркет со сите продукти. Плажата е со каменчиња и има перфектно зајдисонце. Доколку возите со чамец без разлика на искуството, внимавајте на временските услови бидејќи знаат многу бргу да се сменат. Покрај стандардната опрема за кампинг, задолжително:
- Вода
- Водоотпорна опрема за заштита на кампот
- Топла облека(без разлика сезона)
- Сенка(тенда/церада)
- Добро друштво
- Вреќи за ѓубре
Црна Река - Мариово
Оваа локација е од страната на прилепскиот дел. Патот има нов асфалт, и е достапен со секаков вид на превозно средство. Од Прилеп до самата локација има 40тина минути возење со кола. Ве советуваме да возите внимателно понекогаш има стада од локалните штали.
Внимавајте на временските услови, кога има дожд знае да биде проследено со грмотевици (лично го имаме искусено неколку пати) тогаш најдобро засолниште е возилото. Има доста дебели сенки и е супер локација за одмор.
Покрај стандардната опрема за кампинг, задолжително носете:
- Вода
- Топла облека
- Дополнително светло
- Добро друштво
- Вреќи за ѓубре
Коњско - Преспанско Езеро
Локацијата е веднаш после селото Стење, ова место е достапно со теренско возило, велосипед и чамец. Има поглед на целата хоризонтала од езерото. Се фаќа добро изгрејсонце и зајдисонце. Плажата е песочна со ситни камења. Покрај задолжителната опрема за кампинг, задолжително носете:
- Вода
- Сенка(тенда/церада)
- Дополнителна храна
- Топла облека(без разлика на сезона)
- Добро друштво
- Вреќи за ѓубе
Секако, за сите овие локации добро ќе ви дојде и ладна лименка Red Bull.